Osvrti

Куси осврти кон романите што пристигнаа на конкурсот за „Роман на годината“ за 2020

Суво мастило“, Владимир Илиевски (Македоника литера)

Меѓу книгите кои не ги знаев претходно, најубаво изненадување на конкурсот за мене беа „Суво мастило“ од Владимир Илиевски, „Идол на ѕидот“ од Елена Филиповска и „Денот кога не се разбудив“ од Моџо Килингтон.

„Суво мастило“ е смирено раскажана приказна. Стилот на пишување и приказната потсетуваат на европските романи од деветнаесеттиот век, но не поради тоа што дел од настаните се случуваат на крајот токму од деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век, туку поради наративниот пристап – настаните се следат хронолошки од детството натаму, ликовите се градат стрпливо, се упатува на општествениот контекст во кој е сместено дејството. Од друга страна, романот има современ пристап во прикажување на односите меѓу ликовите и на вредностите кои ги застапуваат. Ликовите се уверливи и комплексни – тоа важи исто толку за еден од главните ликови, Андон од Битола, кој е свесен за својата „размазеност“, кој е чувствителен, емпатичен, полн со внатрешни конфликти, кому му е тешко да се снајде во новата средина каде што студира, Дрезден; колку што важи и за споредните ликови, како татко му и братот му Методија, кој, иако малку се појавува, е впечатлив и реалистичен. Пријателските односи меѓу Андон, Емилија и изумителот Едуард, вереник и подоцна сопруг на Емилија, исто така постепено, стрпливо и умешно се градат. Љубовта на Андон кон Емилија, како и амбивалентниот однос на љубомора но истовремено и блискост со Емилија и Едуард е доловен низ настаните, без нараторот да ги наметнува своите гледиштата, така што им се овозможува на читателите самите да дојдат до свои заклучоци за ликовите и настаните. Во романот постои и современ раскажувачки пристап преку тројца различни наратори, чии приказни се надоврзуваат. Историските настани се присутни во позадина, без оптоварување со историски наративи, туку се истражува посредното влијание на турбулентните времиња врз главниот лик, кој не е директен учесник во нив.

Идол на ѕидот“, Елена Филиповска (Сигмапрес)

Овој роман спаѓа во еден жанр кој е редок кај нас – претставува еден вид дистопија или, поточно, алтернативна реалност. Се случува во 2049 година во ситуација кога комунизмот продолжил да опстојува и е време на третиот маршал. Книгата има интересен концепт и е добро обмислена и напишана. Креирање на неопостоечки свет не е лесно зашто во него не постојат временски и просторни обележја кои ни се познати и во кои само би се сместила приказната, туку потребно е да се изгради целата архитектура на тој свет. Во случајот со овој роман, таа е умешно изградена – светот е уверлив. Очигледно е направено истражување и на животот во времето на социјализмот и скопскиот дијалект, а кон привлечноста на ова издание придонесуваат и илустрациите. Иднината изгледа како минатото малку повеќе отколку како иднина, но со оглед на тоа дека станува збор за алтернативна реалност, ова соодветно се вклопува во дејството. Некои тропи се познати од дистописките романи, но истовремено се и автентични елементи на социјализмот (заеднички мензи, целосна контрола врз работата па и приватниот живот, сиромаштија, зедничко живеење на неколку семејства во еден стан, забрането практикување на верата). Приказната за таткото Зоран, кој е архитект, и неговата ќерка Мира, преку која се воведува темата за децата земени од државата, е вешто раскажана, а вешто се зафаќа и со темите и прашањата за односот меѓу приватниот и јавниот живот, семејните односи и општествениот ангажман.

„Денот кога не се разбудив“, Моџо Килингтон (Арс Либрис)

„Денот кога не се разбудив“ е кус роман, со јасна идеја и структура. Уште првите неколку реченици го внесуваат читателот директно во темата: нараторот се буди и сфаќа дека за првпат во животот не го боли грбот – што веднаш упатува кон прашањето дали е жив, а набргу и се потврдува дека не е. Притоа, еден неконвенционален ангел доаѓа за да го одведе во другиот свет. Ситуацијата е позната од слични приказни во минатото (прва асоцијација е „Божиќна приказна“ на Чарлс Дикенс), но овој роман успева да им избега на конвенциите со внесување поинаков пристап. Тоа е, пред сè, самоиронијата, што е препознатлива карактеристика на романот. Хуморот и иронијата, кои не се претерани, и факот што раскажувачот е самокритичен и не ја сфаќа смртта премногу сериозно го прават романот интересен и непретенциозен. Има фина неконвенционална обработка на темата за навраќање на минатото, со идеја дека минатото не е серија од „грешки“ што треба да се поправаат, што често е поттекстот на овој вид наративи, туку вредно животно искуство. Најдобро обработени делови се оние во кои раскажувачот гледа како реагираат на неговата смрт сопругата, првата љубов, вработените. Послаби се оние делови во кои следи непознати луѓе (како Роуз) и води разговори со ангелот кои повремено запаѓаат во морализирање, но дури и тие излегуваат симпатични, бидејќи самиот раскажувач е свесен дека не се целосно вклопени во приказната, па на едно место самоиронично вели: „реченицава е тука да ѝ даде обем на книгата и да му потроши зборови и време на читателот“ (19).

„Сфинга на гневот“, Жарко Кујунџиски (Антолог)

Може да се рече дека на едно ниво „Сфинга на гневот“ е роман за потрагата по роман, што ѝ дава метафикциски и симболичен тон на книгата, но истовремено ја отвора можноста метафикцискиот аспект да надвладее над романот, особено во интервјуто на писателот Марко Ковачки и во описот на неговата книга од страна на Грапа. Во центарот се наоѓа Лазар Отадески, уредник на издавачка куќа, чија кариера се соочува со предизвици од различен вид и кој има углед на уредник во извесна мера суров со писателите со кои соработува. Мистеријата се сосредоточува на еден од тие писатели, исчезнатиот Марко Ковачки, чиј ракопис би можел да предизвика голем интерес во јавноста. Романот на Ковачки е токму оној роман по кој се трага во оваа мистерија која добро се справува со предизвиците на овој жанр: постепено внесува елементи кои ја надградуваат тајната и полека и стрпливо ја отплетува за да не се открие нешто пред време, но и за да не се протнат елементи што би ја разнишале мистеријата. Почнувајќи со еден малку видоизменет Фаустовски момент (често користен во книжевноста), романот се фокусира на откривањето, слој по слој, на мистеријата околу исчезнувањето на Марко. Притоа во голема мера се обраќа внимание и на обработка на главните ликови, а има и бројни интересни епизоди од различна природа, како истражувањето за Константин Миладинов. „Сфинга на гневот“ дава назнаки за актуелните прашања во времето во кое се одвива дејството. На пример, Лазар се прашува дали е прислушкуван, на што нараторот се надоврзува со објаснувањето дека „[в]еќе со месеци на јавноста ѝ беа откривани телефонски разговори на луѓе од политиката…“ (71); или понекогаш самиот опис на контекстот упатува на некои препознатливи општествени појави: „Поделеноста во општеството беше дотолку изразена во дуален, паралелен систем на вредности и реалности, што луѓето не само што се делеа по политичка, национална, верска, социјална или каква и да е друга различност, и тоа во својата поларизирана форма на екстреми, туку во мода влезе и поделеноста по однос на митинзите и штрајкувањето“ (87-8); а се спомнуваат, некогаш со една реченица, и теми што биле актуелни во медиумите во времето кога се одвива дејството. Нараторот, притоа, се обидува да заземе тон на непристрасен коментатор. Во долгиот разговор меѓу Лазар и Грапа, кој екстензивно го опишува романот на Марко, Грапа вели дека Марко е „прекрасен ум“ (116) кој „не го поддржуваше црно-белиот однос кон стварноста што нè опкружува“ (114) и затоа „ја освои омразата на мрачните сили“ (114). Претходно ставовите на Марко се исто така опширно образложени во интервјуто што го чита Лазар. За мене најинтересните загатки што ги отвора романот не се толку мистериите на приказната, туку повеќе прашањата што ги поттикнува текстот (ненамерно или не?): Можно ли е еден наратор да има непристрасен тон? Од она што ни е дадено на увид за писателот Марко, можеме ли да заклучиме дека Марко навистина е „прекрасен ум“? Или, пак, неговиот обид да претендира на сеопфатност и епохалност во време на распад на големите наративи, како и неговото поврзување на митологијата (митот за Пандора) со големите историски несреќи на Скопје (чуми, пожари, земјотреси), макар и симболично, во време кога современата историјата открива многу покомплексна поврзаност на настаните – укажуваат на ум кој тешко се одвојува од еднаш усвоени вредности?

„Витезот и Византијката“, Кица Колбе (ИЛИ-ИЛИ)

Уште од самиот почеток, „Витезот и Византијката“ создава впечатлива атмосфера, обединета околу интелектуалните разговори на ликовите, која конзистентно се одржува до самиот крај. Стилистички одлично напишан роман, со комплексни ликови, опишани умешно и низ нивниот директен говор и низ описите и интроспекцијата. Докторандот Даниел Клуге, кој се осамува во тосканското гратче Амбра, е ликот низ чијашто перспектива се следи и понатамошниот развој на настаните, и, низ ретроспектива, случувањата од пред десетина години кои му претходеле и во голема мера придонеле за неговото осамување. Низ приказната за сложениот однос на пријателство, завист, љубов, ривалство меѓу Даниел (Витезот) и Наталија Поленак (Византијката) се воведуваат и темите за интелектуалното љубопитство и желбата за научни истражувања, коишто еден инспиративен професор ги развива кај своите докторанди, како и темите за национални предрасуди и културолошки недоразбирања. Низ спомените на Даниел за првите средби со Наталија, која му оставила впечаток со своето знаење но и со својата вообразеност, станува јасно дека нејзиното доаѓање ги изместило од рамнотежа односите на факултетот. Даниел „не можеше да ја поднесе, иако во првиот миг го привлече“ (202), со што нивниот однос најпрво се чини дека се заснова врз дихотомијата љубов-нетрпеливост. Но оваа љубовна приказна со недоразбирања и расплет во кој тие недоразбирања се решаваат е слоевита и ги истражува комплексните аспекти на личниот, националниот идентитет, отуѓеноста, претставите за Другиот – внесени преку ликот на Византијката. Со оглед на елитното друштво на интелектуалци кои во разговорите често упатуваат на истакнати мислители, повремено се чини како ликовите да се изолирале од реалниот живот. Разговорите, пак, на Даниел со пријателот Виторио и нивните навраќања на заедничкото искуство на универзитетот постепено во текот на приказната ја градат сликата и за Наталија и за тоа како ја гледаат другите ликови од Западна Европа. Иако на почетокот изгледа како таа самата надмено да се нарекувала Византијка, во еден од разговорите се открива дека, всушност, другите ја нарекле така за да го обележат и нејзиниот интерес за Византија, но и нејзината различност во однос на нив како дојденка од Балканот. И таа самата навидум се претставува „како жртва на негативниот стереотип за Балканот и за Византија, но, во исто време со своето однесување го потврдуваше клишето во западниот свет за горделивите и слаткоречиви Византијци“ (152). Динамиката на соочување со предрасудите низ романот постепено открива дека ова било привид и дека ликовите активно работат на надминување на своите погрешни претстави.

Своја“, Ирена Никола Чаушевска (Даниловска, И.)

„Своја“ на Ирена Никола Чаушевска и „Курвински хроники“ на Александар Русјаков, од сосема различни причини, ги доживеав како романи кои кријат одличен роман но потиснат во материјал што нема особено важна функција во тој централен, скриен роман.

Во случајот со „Своја“, она што е веднаш видливо, а што може да пречи во литературата, се експлицитните животни пораки, кои и визуелно се истакнуваат и кои, всушност, се таму токму со намера да бидат експлицитни, што, пак, им дава призвук на наравоученија. Но, ако се отиде малку понапред во книгата, кога раскажувачката е млада жена, попрецизно од четвртата глава натаму, тогаш почнува добро раскажана приказна за справување со неоечекувани и сериозни животни проблеми. Семејното насилство и прашањата за тоа како една личност да се справи со проблеми кои не ги предизвикала, за кои не е виновна, кои се појавиле дури и како резултат на нејзиното трпение и толерантност – се теми кои овој роман сериозно ги дискутира преку искуствата низ кои поминува протагониската. Нејзиниот развој како лик е внимателно граден, а приказната звучи искрено, автентично и реално.

„Курвински хроники“, Александар Русјаков (Арс Либрис)

Во случајот со „Курвински хроники“, одличниот роман се крие во четвртиот дел („Тело“). Протагонистот на овој дел е, како што вели, „машка курва“, што му овозможува да истражува перспективи кои ретко се предмет на истражување во литературата – на пример, сексуалноста на жени и мажи од сите генерации, како и зошто и како еден човек се решава на ваков живот, кои искуства се пресудни за тоа, можно ли е оние особини што општеството ги гледа како морално доблесни заедно да опстојуваат во еден човек со оние кои општеството ги стигматизира. Дијалозите се динамични и природни, а ликовите се тродимензионални во смисла на тоа дека имаат комплексни мотиви за своето однесување и во себе носат контрадикторности, што е карактеристика и на живите луѓе. Овој роман би бил одличен роман кога би бил составен од четвртиот дел. Шестиот дел исто така загатнува една интересна постхуманистичка тема, додека другите делови содржат често обработувани теми и стереотипни ликови. Сезнајниот раскажувач се користи не толку за да укаже на различни перспективи, туку како алатка за да ги искаже своите вредности.

Незадоволна“, Ксенија Николова (Култура)

Романот „Незадоволна“ има интересен концепт. Замислен е како епистоларен роман, но, всушност, писмата кои жената ги адресира до мажот (и кои опфаќаат најголем дел од романот), никогаш не ги испраќа. Се потенцира и фино се развива потенцијалот за самоспознавање на протагонистката низ пишување, низ солидарни разговори со пријателки, низ пронаоѓање активност со која открива дека сака да се занимава, иако повремено некои од овие ситуации се неуверливо прикажани. Книжевно, вешто е изведен постепениот премин од почетната дилема на протагонистката дали да го напушти сопругот, кога е речиси сигурна треба да го стори тоа, преку двоумењето и блискоста што се развива меѓу нив, до одлуката да остане. Романот се занимава со темата на зближување на двајца претходно отуѓени сопружници, а пораката на крајот – сфаќањето за комбинацијата меѓу сочувување на сопствениот идентитет и функционирање во заедница – е малку наметливо изразена, но е современа.

Вокабуларис“, Ен Игма (Темплум)

„Вокабуларис“ е добро обмислен и соодветен наслов за овој роман, кој се состои од две паралелни приказни: алегориско претставување на зборовите како ликови и паралелна приказна со човечки ликови – двете наративни нишки течат наизменично. Дејството во светот на луѓето се одвива околу интересниот мотив за можно постоење на двојничка. Петар е збунет од сличноста меѓу девојката која случајно ја запознава и девојката во која бил заљубен, но и од различноста во нивните карактери. Дејството во светот на зборовите е потешко да се одреди. Ликовите кои претставуваат одредени поими, како Човек, Мисла, Искупување, Перцепција сакаат во себе да ги апсорбираат можните значењата на овие зборови. Видливо е дека авторката обмислила план апстрактните поими да ги претстави низ овие ликови-поими, но во книгата тие делови остануваат нејасни за читателот поради заплетканоста на дејствата и односите меѓу нив. Во секој случај, романот почива врз интересна идеја и има потенцијал за доразвивање на алегориската приказна за појасно да се поврзе со својата двојничка-приказна, односно со приказната со човечки ликови.

„Лето во кое те нема“, Петар Андоновски (ИЛИ-ИЛИ)

Да се третираат теми коишто многу ретко се третирале во нашата книжевност е самото по себе значаен потег, но уште поважно кога тие се третираат и низ обмислени, оригинални постапки. Сето ова го има во романот „Лето во кое те нема“. Во приказната се влегува низ болница во која се наоѓа раскажувачот во прво лице и каде доаѓа неговиот партнер Владо со еден гест за помирување – авионски карти за островот К. Оттаму, веќе во вториот пасус дејството се заплеткува и отплеткува неочекувано, откривајќи го сложениот однос меѓу раскажувачот, Владо и пријателот од младоста Иван. Додека приказната тече хронолошки напред, сеќавањата за тројцата блиски пријатели се прикажани низ навраќања во времето, кои повремено го испресекуваат текот на настаните во кои се одвива патувањето на островот К. Во романот се ненаметливо вплетени и книжевни референци релевантни за приказната, а важен дел е и карневализацијата. Највпечатливите, мајсторски напишани сцени, кои всушност опфаќаат најголем дел од романот, се оние што го прикажуваат комплицираниот однос на љубов, здодевност, нетрпеливост, привлечност, одбивност, блискост меѓу нараторот и Владо, како и оние во кои доаѓа до израз недостигот на Иван. Приказната вешто ги поврзува сите тројца низ навлегувањето на идентитетите едни во други, сугерирајќи, на оригинален начин, субверзија на претставите за стабилен, статичен и дофатлив идентитет. Таа идеја е најавена низ една впечатлива слика на „несигурни чекори […] низ мракот“ кои се движат во една друга (овој пат временско-просторна) нестабилност, некаде помеѓу небото и земјата: „Над мене ѕвезди, месечина и Млечен Пат. Под мене морето удира во карпите“ (42). Актерството на Владо, кој во својата професија се трансформира во различни ликови, е исто така функционално во најавата на тие движења на идентитетите, кои излегуваат и надвор од сферата на професионалната глума. Владо ја чита „Други гласови, други одаи“ од Труман Капоти. „И Иван ја читаше тогаш, пред да си замине“ (45). Различниот поглед, суптилните промени во ракописот и сè повидливите трансформации во изгледот и однесувањето на Владо се преземени за да го има и оној кој го нема.

„Генералот и пеперугата“, Луан Старова (МАНУ)

Уште првата реченица ги воведува читателите во атмосферата и темите што се проткајуваат низ овој обемен роман. „Со ништо не можеше да се претпостави според редот и спокојот што владееше во научниот кабинет на професорот, природонаучник и генерал во пензија Фриц Дагмар дека во Европа пламтеше Првата светска војна…“ (7). И, навистина, оваа приказна доследно ги следи оазите на ред и спокој низ кои се движи Дагмар среде хаосот и насилството во Првата светска војна, присутни во позадината, но не и експлицитно видливи во приказната. Генералот кој ги проучува пеперутките, е всушност испратен на фронтот за да се справи со опасноста од маларичните комарци. Овие инсекти кои ги проучува и против кои се бори се здобиваат со симболични димензии во романот, па „пеперугите го означуваа убавото, додека комарците злото“ (348). Низ перспективата на Дагмар се следат Вардарската Долина, Дојранското, Охридското Езеро и други предели во Македонија, а патувањето е повод за размена на мислењата на Дагмар и мајорот Жан Бувар во однос на политичките превирања во тоа време, во однос на животинскиот и растителниот свет, како и општествените случувања.

Луан Старова, „Јаничари“ (Три)

Овој роман, стилистички внимателно извајан, е разговор меѓу два лика: Таткото и неговиот пријател Климент Камилски за балканското јаничарство, видено од многу аспекти. Врз основа на податоци од историјата, овие два лика даваат свое видување и свој обид да ја протолкуваат таа историја, свесни, најпосле, дека „не може да постои вистински крај на оваа толку сложена и комплексна проблематика која на посебен начин ги поврзуваше балканские народи кои минале пет века под османлиска власт“ (434).

„Шрапнел“, Игор Анѓелков (ИЛИ-ИЛИ)

На почетокот од „Шрапнел“, раскажувачот ни навестува роман што во прв план ќе се фокусира на метафикциски теми: процесот на пишување, методите, стилот на конструирање на приказната, прашањето што е она што еден роман го прави успешен. Она што, всушност, се случува во „Шрапнел“ е исечок од два (или еден разделен на два) живота, оставајќи ги метафикциските теми суптилно во позадината на животните приказни. И мислам дека тоа е одлична одлука за еден современ роман. Шрапнел почнува како исечок од реалноста, со претставување на дедото во чиј грб има дупка од раната од топовски шрапнел нанесена за време на Втората светска војна. Шрапнелот, што е јасно уште од насловот, има функција на централна метафора, а раскажувачот понекогаш симболично го чувствува и во себе. Потоа следуваат разговорите меѓу двајцата писатели кои имаат недовршени ракописи, неименуваниот раскажувач и неговиот пријател Анѓел, кои во романот се пријатели, но можеби се и една иста личност, која раскажува за две животни искуства – на што наведува нивното меѓусебно речиси совршено разбирање. Иако нивните разговори се сосредоточени на начините на пишување книги, набргу двајцата пријатели ја препознаваат желбата да се свртат кон она што, всушност, ги мачи: „– Јебеш Скопје 63-та, јебеш Килимианџаро, до кога ќе се криеме зад туѓите приказни?“ Од тој момент навистина течат двете „сопствени“ приказни: едната за таткото и другата за проблемите во бракот. Додека понекогаш разговорите меѓу раскажувачот и Анѓел звучат нереално љубезно, па дури и преформално, деловите со таткото и Ана имаат целосно реалистичен призвук и ги прикажуваат сложените односи меѓу сите присутни ликови.

„Асистола“, Марија Јаневска (Три)

Романот „Асистола“ е приказна за запознавање, вљубување, компликации и среќен крај. Додека вака структурираниот заплет е познат, она во што отскокнува од познатото е контекстот кој ѝ дава еден убав, свеж призвук. Приказната е сместена е во болница (медицинската терминологија е добро вклопена во романот), што е важно зашто тоа не служи само за да ги одбележи ликовите како доктори, туку и нивните особини и односи доаѓаат до израз како резултат на околностите на работното место. Имено, и двајцата главни ликови, Лена и Гаврил, се идентификуваат со работата и се препознаваат по посветеноста на пациентите, што е клучно за да се зближат, додека сите нивни разлики во однос на животното искуство се второстепени. Нивните средби и развојот на нивниот однос се на места исконструирани, а Гаврил повремено се чини како проекција на замислен идеален машки лик. Од друга страна, вешто се изградени конверзациите меѓу сите ликови, и главни и споредни – тие се природни, ненаместени, спонтани, како да ги слушаме овие луѓе до нас како разговараат. Од романот произлегува и едно интересно прашање: зошто машките ликови се адресираат по презиме, а женските по име?

„Турнеја“, Сашо Огненовски (Бегемот)

„Турнеја“ почнува одлично и ветува необичен пристап во обработка на темата со која се занимава: членовите на една театарска група од Македонија патуваат на светска турнеја за да ја одиграат претставата „Хамлет“ во нивна изведба, а дејството е сместено во блиска иднина, што е интересен елемент и соодветно вклопен во контекстот на романот. На првите страници се открива еден од протагонистите – суровиот, корумпиран, секогаш шефовски настроен Божидар Булдогот, кој е многу живо претставен пред читателите преку слушањето музика што трешти од неговиот лаптоп и расправијата преку ѕид со неговата сосетка. Различните ликови од актерската дружина и мистериозното исчезнување на првиот, па вториот од нив за време на турнејата исто така придонесуваат да се задржи вниманието на оваа приказна. Подоцна, додека театарската група патува низ повеќе локации кои се интересно претставени низ назнаки за некои нивни препознатливи градби и култура на живеење (Софија, Истанбул, Петерсбург, Пекинг, Њујорк, Торонто, итн.), има повторливост во однос на дејствата на ликовите (Божо силеџиски се потсмева со Вуле, Линдита разговара по телефон со Министерството за култура) и шемата на настани (исчезнување на ликовите). Сепак, неочекуваниот пресврт успева на крајот да внесе и непредвидливи моменти.

Христо Егеецот“, Јован Џамбазоски (Матица македонска)

Овој роман се надоврзува на традицијата на романи во македонската книжевност кои говорат за тешкото минато. Преселбата во нов дом, по животот во сиромаштија и трауматичните искуства на Христо и неговото семејство, дава можност за оптимизам. Христо, како што кажува и нараторот, „многупати сакаше да раскажува за својот и за животот на својата фамилија и да појаснува некои настани“. И, навистина, низ неговите и раскажувањата на другиот протагонист, читателите дознаваат за настани поврзани со македонското минато од периодот на Балканските војни и непосредно по нив. Раскажувањето е екстензивно, со детален опис на настани и конверзации меѓу ликовите.

„Бричење петли“, Владо Димовски (Арс Либрис)

Приказната во „Бричење петли“ има брзо темпо и е интересна за читање, а меѓу специфичните  аспекти се издвојуваат како впечатливи се самокритичност и хумор што се проткајуваат низ делови на романот. Матрицата на приказната се движи во кругот: од конфликт меѓу сопружниците (раскажувачот ја лоцира „вината“ (како што ја гледа) кај себе), преку сфаќањето за доблестите на сопругата, до враќање кон семејството,  при што „познатиот љубовџија […] доживеа комплетна преобразба“ (54). Авантурите во животот не се прикажани како искуства од кои човекот учи и се развива, туку како грешки што се должат на несфаќањето дека треба да се биде благодарен за она што се има. Женските ликови се стереотипни, вклучувајќи го и ликот на сопругата која му приговара на мажот што не е почесто присутен во домот или не помага со обврските (овој тип на женски лик се среќава во повеќе романи). Сепак, неколку свежи идеи, што се провлекувата низ наративната линија, како онаа за козарство обработена со фин хумор, успеваат да ја избегнат конвенционалноста и му даваат специфичен белег на романот.

„МоЛчИ и ТаНцУваЈ“, Светлана Антиќ – Јовчевска (НУЦК „Трајко Прокопиев“)

Најубавите делови во овој роман се оние за Благоја и Сунчица, во кои се чувствува искрена почит и пријателство меѓу овие два лика, а особено успешно е доловен благиот карактер на Благоја (чие име е соодветно на неговата нарав), кој претставува еден вид пример за однесување на неколку ликови на кои им е близок. Овие делови се вметнати во поопширните делови во кои темпото забавува и се изразуваат мислења за повеќе актуелни теми и за теми поврзани општо со човечноста, животот, историјата, модерните времиња. Насловот, во кој се спомнува танцување, содржи една визуелна карактеристика: имено, буквите се наизменично големи и мали, што придонесува самите букви да асоцираат на танц.

„На враќање“, Фросина Пармаковска (ИЛИ-ИЛИ)

Воведното поглавје „Сè започна со идејата“ е одличен почеток на овој роман зашто укажува на неговите силни страни: речениците течат со убав, мелодичен ритам, мислата е сосредоточена, стегната, а стилските фигури се наоѓаат во привлечна рамнотежа со динамиката на реалистичното раскажување. Ова поглавје ги воведува и темите со кои се занимава романот во кондензирана форма: впуштање на писателот во животот на ликот така што „јас престанав да бидам само јас, а тој престана да биде само тој“ (7) и патувањата. Приказната ја раскажува машки лик во прво лице, кој од сегашноста ги пренесува читателите во минатото и потоа одлично ја надоврзува сегашноста на минатото. Наративно вешто е направен контрастот меѓу реалистичното патување – она со воз и она за Турција – и патувањата со летачки ќилими – патувања што се одвиваат во фантазијата – а тој контраст е и лајтмотивот на романот, па сосема соодветно е што насловите на двата дела упатуваат токму на овие два различни вида патување, а насловот на самиот роман упатува на враќањето од тие патувања. Уште една убаво обмислена наративна техника којашто одлично функционира и ги надоврзува поглавјата едно на друго е тоа што одредена фраза од последниот пасус на едно поглавје (најчесто од последната реченица) се јавува како наслов на следното поглавје. Нараторот, кој е писател и кој има стабилно семејство исполнето со разбирање и љубов, се внесува во својот нов роман, што ги буди спомените од минатото, од каде личностите кои ги познавал стануваат мешавина од она што навистина биле и она во што се претвораат во неговата фантазија, влечејќи го кон себе. Внатрешниот судир на протагонистот, кој е интензивен иако неговите постапки се одвиваат само во фантазијата, во последниот дел добива димензии на морална дилема.

„Ши“, Сашо Кокаланов (ИЛИ-ИЛИ)

Необичниот наслов „Ши“ – за кој првата асоцијација (ми) е заменката за „таа“ на англиски јазик, но авторот укажува и на значењето на зборот смрт на јапонски – е соодветен показател за необичната раскажувачка постапка на овој роман. Гледната точка на раскажување варира меѓу сезнаен наратор, смртта како раскажувач, раскажувач во прво лице, раскажувач во второ лице; наративниот тек се одвива и линеарно, и низ „флешбекови и пролепсиси“ (51); жанровски романот апсорбира и есеи во симбиоза со приказната, и раскази одвоени со инаков фонт, и еден вид на речник додаден како анекс. Трите дела – Прва книга Кафе или кофчег (смртта како автор), Втора книга Ши (смртта на авторот) и Прилог Седумте смртни гревови (белешки од црниот тефтер) се различни и во стилот и во атмосферата. Но, нишката на смртта што се провлекува низ целиот роман ги спојува во доследна целина сите овие различности. Во таа смисла, иако повремено се чини како раскажувачките нишки да се испуштаат и одново да се спојуваат, внимателното читање сепак укажува на постојана ненаметлива контрола врз нарацијата. Првиот дел, кој е најконзистентен и највоедначен со смирен тон ги воведува интересните игри и слики на конференцијата, како онаа за cof- или за смртта на мувата, и ги претставува автентичните ликови, особено Англичанката и Алесандра, како и професорот од Аризона во позадина, а трагичната епизода за девојчето од летниот распуст е особено впечатлива. Вториот дел е поекспериментален и содржи, меѓу другото, и постхуманистички теми како љубов кон компјутерска програма, а тука се наоѓаат и неколку раскази, различни по квалитет: на пример „Погреб“ е особено интересен, додека „Дополнителна опрема“ нуди стереотипна споредба (макар и иронична) на колата како жена. Но, ако се земе предвид финиот хумор што се провлекува низ романот, можеби може да претпостави и дека за варијациите во квалитетот на расказите не е одговорен нараторот, туку неусовршената програма АИА Хамамацу.

„Песја прељуба“, Велко Неделковски (Арс Либрис)

Последните глави од овој роман, каде што до израз доаѓаат ликовите на кучињата, се најуспешни. Тоа е спецификата што овој роман го одвојува од другите – внимание посветено на градење на карактерите на животните кои не се алегориски, немаат илузорно претставени човечки особини, туку се реалистични и опишани според набљудување на нивното однесување. При крајот од романот, одлично се води и поврзувањето на двете сижејни линии – за Алга и за трујачот на кучиња. Во претходните делови, пак, дијалозите делуваат анахроно (особено разговорите меѓу двајцата заљубени тинејџери: „Рано-рано делиш запаливи изјави, момче“ (30)). Од друга страна, дијалозите како метод за карактеризација на ликовите се успешни: карарактерите на ликовите ги гледаме преку нивните сопствени зборови, не се наметнува карактеризација од страна на нараторот. (И овде го има стереотипниот лик на жена која му приговара на сопругот.)

„И не биди млад мајмун“, Велко Неделковски (Арс Либрис)

Раскажан во трето лице, преку сезнаен наратор, овој роман успева повремено да создаде и дискурс на драма преку вметнување на сегашно време среде инаку употребуваното минато време („Со нервозно движење си ја дотерува разбушавената коса…“ (7)); посебно издвоените сцени со осата кои даваат впечаток на непосредна слика што се одвива во моментот пред очите на читателот; како и со доминацијата на директен говор, кој понекогаш е дури и означен со имињата на говорителите на почетокот од нивната реплика (ИКСО: / Таму ќе бидеш сама и слаба, а тие компактни и насилни. / ЖАНКА: Логистичка поддршка? (42)). Романот е динамичен и читлив, но криминалистичкиот елемент и односот омраза-љубов меѓу Шими и Агна не се сосема уверливо прикажани.

„Скриени желби, немирни патувања“, Владимир Јанковски (Антолог)

Овој фрагментарен роман, со внимателно обмислена структура и тактички обликувани реченици успева да прикаже протрети на десетици ликови, некои фатени во еден момент, други набљудувани низ различни последователни животни случки и предизвици, без да осудува, без да наметнува вредности, без да морализира, без да заземе страна. Во таа смисла, „Скриени желби, немирни патувања“ создава една свежа книжевна атмосфера. Во него доминантно место имаат приказните на Бистра, Мартин, Павел и Давид, чии наративни текови се испрекинати едни со други, како и со меѓу-поглавја-портрети на ликови од целиот свет во две-три реченица. „Аракс и Бинг. Се среќаваат одвреме-навреме. Не многу често. Нивните средби имаат една цел: да бидат пауза од животот што секој од нив го живее“ (76). Некогаш, овие меѓу-поглавја-портрети се издолжуваат и на неколку куси пасуси што опфаќаат подолг временски период, како онаа за Кондрат Вишниевски која се протега низ 58 години и 4 дена од неговиот живот. Ликовите скицирани во нив се ликови со необични хобија и скриени желби. За четирите лика кои се протагонисти во романот се издвоени нивните најкарактеристични обележја и фатени се во одредени преломни моменти во животот. Во наративот се дискретно вплетени метафори кои не се чести, а чиј поетски сензибилитет суптилно ја разигрува прказната. На крајот на првиот дел се собрани во една поконзистентна целина фрагментираните нишки од првиот дел („јасност во големото безредие“, 178). Вториот дел прави убаво раздвижување на приказната, одбивајќи да даде некаков дефинитивно заокружен традиционален крај.

„Распетието на мојот татко“, Зоран Стојаноски (ПНВ Публикации)

Приказната во овој роман убаво се гради, а премините во различни времиња се внимателно изведени и постигнуваат фин ефект. Романот третира трауматични теми, дејството на почетокот е сместено за време на војната во Босна, во која сите ликови претрпуваат големи загуби, а потоа продолжува дел во 2000, дел во 2015 година, дел во 2018 година. Од друга страна, наративниот приказ на околностите во кои е спасено бебето и чувана тајната за неа осумнаесет години не е сосема уверлива, а нагласената љубезност во дијалозите делува несоодветно за ликови кои поминале низ опишаните трауми.

„Шардоне и шпагети карбонара“, Марта Димитров (Антолог)

„Шардоне и шпагети карбонара“ има добро изработен заплет и нарација, својствени за покласичниот стил – нараторот е сезнаен и ги следи сите ликови, а приказната се развива со рамномерно темпо низ постепено подигнување на тензиите, наративен климакс и расплет. Романот, во кој доминираат млади луѓе, третира една честа тема: љубовен триаголник. Младата писателка Миа му дава интересен белег на овој триаголник, прифаќајќи ја зрело улогата на пријателка, што доведува до менување на динамиката на односите меѓу трите главни ликови.

„Виенски гамбит“, Анде Јанков (Антолог)

Вешто напишан детективски роман, во кој Виктор, инспектор од Скопје, заминува на посета кај својот брат Даниел, писател кој во моментот работи како бармен во Виена. Сцените се поставени така што се гради атмосфера на возбуда околу патувањето и средбата со братот, која се дополнува и со неочекуваното познанство со интересна девојка во бар во Виена. По убиството што наскоро ќе се случи и сомнежот кој паѓа на Даниел, настаните се развиваат налик на детективските филмски серии, каде што во фокусот е решавање на случајот. На места екстензивен, овој роман има потенцијал уште малку да се доработи за да биде постегнат и подинамичен.

„Името ми е Вивиен Ли“, Горјан Петревски (Македонска реч)

Овој роман се фокусира на тинејџерката Вивиен Ли, протагонистката од насловот, и нејзината другарка Вероника, како и првото заљубување на Вивиен Ли. Дискурсот на овие современи тинејџерки звучи како да живеат во некое претходно време, но авторот, свесен за ова, успева да изнајде начини за да го објасни нетипичниот говор на Вивиен Ли, која ја раскажува приказната во прво лице, преку влијанието на говорот на нејзините родители или баба и дедо – „…за многу нешта сум г. Тапа Џонсон, како што вели татко ми за незнајковците“ (15). Настрана од говорот, централните ликови на двете другарки се реалистично прикажани, со нивните долги и постојани дијалози за нивните симпатии, за другарите и другарките, за ненадејното прво вљубување.

Мртвите знаат најдобро – Владо Јаневски (Арс Либрис)

Од наративен аспект, овој роман е многу успешно изведен. Го следи платениот убиец Фуриозо, а приказната е испрекината со поглавја во кои се следи и животот на неговите жртви во денот кога ќе бидат убиени. Така наизменично се даваат повеќе перспективи, додека настаните конзистентно се сосредоточени на линијата на настани кои ги предизвикува Фуриозо. Слабоста е во споредните и симболични ликови на Мерлин Монро и Ајнштајн, клишеизирани претставници на убавата непросветлена жена (самата вели дека ништо не разбира од теориите на Ајнштајн) и паметниот научник, кои претставуваат еден вид потсвест на протагонистот; како и Вампирот и Франкенштајн кои се замислени како интересен елемент но не стануваат интегрален дел во приказната. Најоригиналниот и највешто изведен елемент е присуството на Нозоми, мистериозната, оптимистична, ведра девојка, препознатлива по мирисот на цвеќињата, која се појавува и исчезнува, умира и оживува и несебично им помага на оние со кои ќе дојде во допир.

„Изгорени души“, Ѓорѓи Прчков (Графо пром)

Во овој роман има голем број сцени кои во детали опишуваат некоја случка, па вниманието се фокусира на тие поединечни случки, со што од вид се губи нишката на севкупната романескна приказна. Од јазичен аспект, има една необична карактеристика: глаголите често се наоѓаат на крајот од реченицата. Вешто се изведени описите на односот меѓу Константин и Симона, додека разговорите со бабата Ката често запаѓаат во пренагласен патос.

„Фантомско стапало“, Блаже Миневски (Матица македонска)

Главниот лик во романот „Фантомско стапало“, Миле Пејкуре, кој го загубил стапалото како дете, со право е наречен „народен мислител“ – низ неговото соочување со себе се искажани главните филозофски пунктови во романот. Особено е интересно неговото видување на „мапата на животот“ онака „како што е замислен пред да станеме луѓе. И таа мапа никој не може да ја избрише. Во неа имаме две уши, две раце, две нозе. Во таа мапа ногата останува нога доживотно. Јас имам стапало, иако божем немам, вели“ (7). Некои делови од романот екстензивно ги прикажуваат знаењата на протагонистот за одредена тема (на пример, за богомилите). Во „Фантомско стапало“ има повеќе епизоди кои убаво функционираат како мајсторски напишани куси раскази. Целината, пак, е тешко дофатлива. Таа е извезена со внимателно избрани зборови и метафори („Ловејќи ги мирисите што шетаа по сокаците, а овојпат и оние што доаѓаа од езерото, многумина почнаа да се токмат за живот со него…“, 79), во кои приказната повремено исчезнува. Овој пристап во пишувањето е и убав поттик за развој на дискусија околу тоа што ја сочинува литературата и дали и што има поголема тежина: иновативните стилски фигури и обмислените реченици кои звучат беспрекорно? Или е важно и постоењето на исчекор во преиспитување на постоечките идеологии? Одговорите, несомнено, ќе бидат различни.

„Воскресение Experience Патот на духот“, Мирче Нешовски (Македонија презент)

При читање на овој роман, се добива впечаток дека намерата во него била да се истражува духовниот свет на човекот, „пронаоѓање на самиот себе“ (56) и на рамнотежата во себе, како и врската со невидливите сили надвор од материјалниот свет. Во пракса ова истражување резултира со генерално неразбирлив тек на настаните, меѓу кои повремено поконтролираното сосредоточување на приказната успева да даде по некоја јасна сцена.

„Куќа над брановите“, Билјана С. Црвенковска (Чудна шума)

„Куќа над брановите“ има иновативен концепт во однос на структурата и на хронотопот. Се случува во иднината и, според (пост)апокалиптичните тропи на еко-катастрофа на Земјата и патување во вселената, спаѓа во жанрот научна фантастика. Поделен е на три дела, сите со различни наративни форми и со различни точки на гледање: првиот, Трансмисија, е напишан како еден вид епистоларен роман, при што пораките меѓу Бела и Лукијан се разменуваат преку интерпланетарниот простор; вториот, Шум, го раскажува наратор во трето лице; а третиот, Тишина, „Од записите на Ал Арал во колективната меморија на Помначите“ (127), го сочинуваат песни кои наликуваат на митолошки наративи за исчезнувањето на животот на Земјата. Во писмата меѓу Бела, која живее сосема изолирано на остров на Земјата која изумира, и Лукијан, кој се наоѓа на јупитеровата месечина Калисто, има и извадоци од дневникот на дедото на Бела, како и информации за мисијата на набљудување (што ја спроведува тимот во кој е вклучен Лукијан) на необична црна дупка која се движи непредвидливо, „[к]ако да одбира што ќе проголта“ (31). Во рамки на овој научнофантастичен сетинг е, всушност, сместана приказна за осаменоста, љубовта, недостигањето и оттаму очајот, кои се вткаени во писмата што си ги испраќаат двајцата сакани. Песните на англиски може да се сметаат за интересна техника, додека темпото на раскажување во првиот дел на одредени места забавува. Вториот дел убаво го надополнува првиот, со оглед на тоа што дава објаснувања за позадината на настаните и го воведува необичниот идентит на ликот Арон, а третиот нуди впечатилив завршеток на приказната.

„Колку убав погреб“, Марјан Анѓеловски (Марјан Анѓеловски)

Интересна и добро замислена идеја: човек кој по своја волја е бездомник, оди на погреби, односно, како што и самиот вели, „живее од смртта“. Името му е симболично – Ангел – со оглед на тоа дека секогаш кога може им помага на другите бездомници. При еден од овие погреби, се запознава со необична девојка, Марија, која наоѓа интерес во неговиот начин на живот, па доаѓа до испреплетување на темите на смртта и љубовта. Реализацијата на оваа убаво замислена идеја во роман има извесни слабости, особено во делот од приказната што ја сочинува перипетијата, односно компликацијата со братот на Марија, која неуверливо кулминира на крајот. Сепак, последната глава фино укажува на минливоста на некои од животните настани кои во даден момент изгледале драматично.

„Највисокото дно“, Марија Митева (Полица)

Оваа експериментална книга содржи дванаесет индивидуални раскази, но централниот лајтмотив што се провлекува низ нив – дамката темен сос – прави тие да може да функционираат и како роман. Тоа што станува збор за одделни приказни во рамки на полабава романескна структура авторката успева да го сврти во нивна полза. Имено, во секој раказ воведува поинаков пристап: нарација во второ лице, нарација во прво лице од гледна точка на дете, а раскажувачите некогаш се машки, некогаш женски ликови. Од овој аспект, во книгата има свежина и иновативност. Најуспешен дел е Осма елегија, разговор (кој звучи автентично) меѓу дете и нејзиниот дедо, во кој детето ги прашува оние препознатливи детски онтолошки прашања или бара внимание, додека дедото, главно, молчи или крева раменици, по што приказната влегува во неочекуван пресврт со вилинското коњче Чапо. Другите раскази варираат во однос на умешноста на раскажување.

„Боксерот од Ново маало“, Владимир Плавевски (Арс Либрис)

Ова е приказна за маалскиот живот некаде во шеесетите години од минатиот век, со претпознатлив маалски сленг и маалските „правила“ на преживување на посилните, на кои текстот гледа со симпатии. Сепак, „Боксерот од Ново маало“ успева и да се одвои од оваа матрица со непосредно раскажаната топла приказна за односот меѓу едно дете (нараторот), кое многу сака да чита, и најпознатиот маалски тепач Шуре Катиљ, кој, како што самиот вели, „[г]и знам буквите, ама кога ќе ги прочитам не ги разбирам“ (11). Кога детето почнува редовно да му чита, меѓу нив се раѓа пријателство во кое и двајцата се менуваат и созреваат, а Шуре се посветува на боксерска кариера. Низ романот се движат и голем број други ликови кои се вешто и внимателно изградени, со свои комплексни особини, без разлика дали станува збор за ликови кои се подготвени несебично да помогнат или оние кои се спремни малограѓански да ги осудуваат личните избори на другите. Реалното опкружување на опишаните настани особено доаѓа до израз на крајот, со настаните сместени за време на поплавата и големиот земјотрес во Скопје, кој има важно место во исходот на приказната.

Туѓо тело“, Владимир Плавевски (Арс Либрис)

Динамична, интересна мистерија која почнува со необичните главоболки на еден пациент, кај кого, при рентгенско снимање, се открива постоење на необично туѓо тело. Во потрагата по одговори на оваа мистерија се вклучуваат неколку ликови во романот, а приказната нуди и интересна можност за истражување на некои медицински термини и практики. Во текот на приказната има одредена репетитивност – откривањето на мистерјата се одвива преку испитување на реакциите на мозокот од едно до друго животно. Крајот укажува и на научно-фантастично толкување, но не се искористуваат предностите што ги нуди научно-фантастичниот жанр.

„Тито мојот претпоследен херој“, Зоран Спасов Ѕоф (Попули)

Она што ме заинтригира во насловот на овој роман е префиксот „прет-“ во „претпоследниот“ – зошто е Тито претпоследниот, а не е последниот херој, и кој, во тој случај, е последниот херој? Одговорот на тоа прашање се дава на крајот, а се навестува уште на самиот почеток, и ѝ дава убава завршница на книгата, кадешто се оддалечува од идејата за политички идоли и авторитети. Преку моделот на приказна-во-приказна, романот, низ перспективата на девојчето Камелија кое добива тема за писмена работа „Тајната на моето семејство“, навлегува во централната приказна во која протагонисти се нејзините дедо Филип и баба Весна. Филип уште од мал, во кругот на семејството, се среќава со името Тито, а подоцна, како доктор во Белград, и директно се среќава со него. На крајот од книгата, наведени се и библиографија и видеографија од материјалите кои биле истражувани за оваа книга. Некои сцени преопширно ги прикажуваат Титовите сфаќања за социјализмот и комунизмот. Деловите кои се задржуваат на личните аспекти од животот на Филип се ведро, природно раскажани, а ова е особено видливо во оние сегменти што се однесуваат на неговиот личен последен херој.

„Приказна за трите града“, Митко Маџунков (Три)

Овој роман конструира интересна атмосфера, со повремени кошмарни ситуации, каде што реалното и симболичното се менуваат и надополнуваат. Напишан е со голема грижа за јазикот, а содржински и наративно има интересни посмодернистички постапки на одење напред и враќање назад низ времето, префрлање од една локација на друга, недофатливост на референтите, особено трите града од насловот. Исто така, се развива и извесна кафкијанска атмосфера во станот што го изнајмува протагонистот и од кој од необјаснива но психолошки уверлива причина не може да замине. Последната третина од романот главно се состои од долги разговори со партнерката Пределена со кои не се навлегува толку во ликовите колку што тие претставуваат средство за да се искажат одредени етички или книжевни гледишта или, пак, да се прикажат информации (на пример, за маалата и улиците на градот што изгорел во пожарот во 1913 година). Во предговорот на Венко Андоновски кон овој роман дознаваме дека ова е, всушност, првиот роман на Маџунков, што може да биде интересна книжевна информација и да влијае врз можните толкувања на романот.

„Лазарка“, Љупчо Петрески (Арс Либрис)

Насловот на романот, кој упатува на истоиментата песна од Силвија Плат, како и почетокот во кој има и други алузии на Плат, како и на Вирџинија Вулф, ја распостилаат атмосферата на тага и интелектуален копнеж што доминираат во овој нежно напишан роман со убави поетски делови и со осет за продлабочено навлегување во женските ликови, особено ликот на Дора. „Лазарка“ третира современи теми: родови идентитети, различни видови сексуалност, потребата од сопствено удвојување како начин за бегство од осаменоста, платонска, сексуална, мазохистичка љубов, самохрани родители – обработени низ современи перспективи. Референците на писатели и книги и самиот стил на пишување упатуваат на начитан млад писател, иако нивното присуство во толку голем обем наместа малку ја оптоварува приказната.

„Случајот Чернобог“, Катерина Шошко (Антолог)

Овој вешто напишан роман влече на читање и, иако е релативно долг, 415 страници, нема „празен од“, односно нема делови што би можеле да се отфрлат без да се наруши приказната. Приказната се темели на разоткривање на една мистерија за необична девојка Елеонора Чернобог, која има натприродни моќи. Воведот во приказната има препознатлива шема: новинарката Мона веќе долго време ја истражува познатата мистерија и најпосле трагите ја водат кај доктор Јан Леви, каде што оди заедно со своите пријатели и колеги; докторот најпрво не сака да ја прими, но нејзината упорност најпосле се исплатува, па таа успева да му направи интервју. Низ раскажувањето на доктор Леви но и од неколку други перспективи се дознаваат повеќе детали за Чернобог, а романот низ интересна постапка одбива да ги стабилизира како некаква конечна вистина. Заплетите, неочекуваните пресврти со поглем број инволвирани ликови, како и динамичното раскажување го ставаат овој политичко-психолошки трилер, во кој е вткаена и љубовна приказна, на видно место во таканаречената жанровска литература.

„Мемоари за болниот ум Зависност“, Бошко Ангеловски (ПНВ Публикации) Романот е раскажан во прво лице, а нараторот кој е сликар е обидува да го остави зад себе својот, како што самиот го нарекува, претходно „развратен“ живот. Приказната ги следи патувањата, сликањето, потенцијалните договори за изложби, како и сексуалните искуства на нараторот низ врските со Агапи и со Камил.

К. М.

Design a site like this with WordPress.com
Get started