Детето без златна коса
Се викам Номи, а ова е приказна за мојата промена.
Израснав до кралската палата, каде што мајка ми беше готвачка.
Имав десет години кога во палатата пристигна идната кралица. Вестите за кралската свадба се проширија низ градот, но луѓето беа изненадени од изборот на кралот. Се зборуваше дека неговата избрана невеста е од многу сиромашно семејство, а кралот решил да се ожени со неа затоа што една вечер, еден заповедник од кралската војска ја слушнал како им раскажувала на сестрите дека, ако кралот се ожени со неа, таа ќе му роди дете со златна коса.
Кога кралската кочија влезе во градината, прозорецот беше отворен и низ него видов млада жена со најубавиот лик што сум го видела. Посакав таа да ми беше мајка за да личам на неа. Мајка ми не беше убава и ја сметав за одговорна за тоа што ни јас не бев убава.
Потоа ја слушнав идната кралица како гласно извикува:
– О, колку убав замок, и тоа цел со злато! Ова е вистинско злато?
Тојчас, огромна рака, со голем златен прстен на кој се гледаше кралскиот печат, набрзина го тресна прозорецот, па убавото лице на младата жена и огромната рака со златниот прстен ми исчезнаа од вид.
Неколку дена подоцна имаше голема свадба во кралскиот двор и мајка ми по цели денови беше зафатена, готвејќи за стотици гости. Бев слободна да трчам надвор од бедемите на кралскиот двор, па заедно со мојот другар Филип отидовме кај блиското езерце, околу кое имаше неколку камени статуи. Одеднаш од езерото излезе жена и се упати кон фустанот кој лежеше на брегот. Се исплашив, но Филип зачекори кон неа и ја праша која е.
– Прекрасната Илона – одговори жената.
– А, Прекрасната Илона! Ти си самовила, нели?
–Така е – се насмеа Илона.
Потоа поразговаравме со неа и таа си замина.
Во нашето кралство се раскажуваа многу приказни за опасните и зли самовили, кои напаѓаа луѓе, ги ограбуваа, па дури и ги претвораа во камени статуи. Според некои, самовилите можеа да се претворат во разни животни, дури и ламји, а можеа да поминат и низ ѕидови и така да избегаат од затвор.
– Навистина ли се опасни самовилите? – ја прашав мајка ми неколку дена по кралската свадба.
Таа ме гледаше неколку секунди.
– Па… не се опасни за нас – најпосле одговори.
– Тогаш, за кого?
– За оние кои се моќни, зашто самовилите се помоќни од нив.
– Е, како е тоа можно?
– Тешко е да се објасни.
Го мразев тој одговор. Сакав мајка ми сè да ми објаснува, но таа често сметаше дека нема да разберам. Во тој период, често замислував дека сум убавото златокосо дете на кралицата, која разговараше со мене како да сум најпаметната личност на светот. Замислував дека сè ми објаснува стрпливо и нежно и дека секогаш се разбираме.
Поминаа многу месеци и за тоа време кралицата повремено доаѓаше во кујната и разговараше со мајка ми. Забележав дека кралицата очекува бебе. Еден ден, додека седеше во кујната, таа ѝ објаснуваше на мајка ми како една жена од нејзиното село ѝ предвидела дека ќе роди момче со златна коса.
– Предвидела? – праша мајка ми со недоверба.
Се срамев што таа не ѝ веруваше на кралицата.
Тојчас, во кујната влезе стражар и со раката покажа кон вратата. Кралицата веднаш стана и набрзина излезе од кујната. Тогаш го слушнав страшниот глас на кралот:
– Нели стопати ти реков да не одиш во кујната?! Сега си кралица, нема што да бараш таму кај таа грда стара готвачка!
Неколку недели подоцна, ме разбудија гласови среде ноќ, а мајка ми не беше во собата. Станав и отидов во палатата. Ја слушнав кралицата како вика. Сигурно се пораѓа, си помислив, но само пред неколку дена мајка ми рече дека бебето ќе се роди за неколку недели. Нешто подоцна, слушнав бебешки плач. Потоа мешаница од гласови. Вресоците на кралицата сега беа поинакви, измешани со зборови што не ги разбирав. Некои од стражарите повторуваа дека кралот, кој тогаш беше отиден на лов, мора веднаш да биде известен за ова. Луѓето трчаа низ ходниците, а мајка ми излезе од собата на кралицата со кошница во рацете. Не можев да видам што има во кошницата. Помина покрај мене и не ме ни забелажа. Ја однесе кошницата кај реката.
Три дена подоцна, кралот пристигна од ловечката експедиција. Беше опкружен со стражари, па не можев да го видам, освен неговите гневни крвави очи кои испуштаа црвени искри во темниот хол.
– Ова не е мое дете! – извика кралот. – Тргнете ми го од пред очи! Однесете го кај готвачката! – им рече на стражарите.
Кога останавме сами со мајка ми и бебето, таа ме погледна. – Што мислиш за името Лан?
Се доближив до креветот, срцето ми чукаше сè посилно, а по лицето ми течеше пот. Лан воопшто немаше коса. Значи, ова не е бебето на кралицата. Се наведнав поблиску и видов дека едното окце му беше многу помало од другото, а зеницата не се движеше како другата.
– Мислам дека е слеп на едното око – рече тивко мајка ми.
Му ја допрев раката и веднаш ги склопи прстињата околу мојот прст. – Ама силен е.
– Нели? – се насмевна мајка ми.
Следното утро, гласниците на кралот одеа низ градот и објавуваа дека кралицата родила болежливо дете наместо да го одржи ветувањето и да роди златокосо момче; како казна, заѕидана е до вратот на портите од кралскиот двор. Кралот нареди секој што поминува низ портите да ја плукне. Отрчав кај портите и што да видам: кралицата навистина беше заѕидана до вратот и го молеше стражарот да ја пушти.
– Некој ми го одзеде златокосото момче и го замени со тоа друго бебе – плачеше таа.
Замени? се запрашав. Ја видов мајка ми како носи кошница до реката ноќта кога се роди бебето.
Истрчав назад во собата.
– Каде е вистинското бебе на кралицата? – ѝ викав на мајка ми – Ти да не му направи нешто?
– Што зборуваш? Има работи кои не ги разбираш.
Бев очајна. Како можеше ова да ѝ се случи на кралицата?
Околу една година подоцна, веќе имав дванаесет години, додека си играв со Лан надвор и го учев како да прави куќички од каменчиња, ја видов мајка ми како поминува низ портите без да ја плукне кралицата. Стражарот нешто ѝ рече и се расправаа, на крај таа се сврте и набрзина плукна на земјата.
Кога поминував покрај портите неколку дена подоцна и јас одбив да ја плукнам кралицата, па стражарот ме фати за раката и ме потегна. Ја видов мајка ми како стои во близина. Имаше исплашен израз на лицето. Се приближи и почна да му објаснува на стражарот дека сè уште сум мала и не знам што правам. Тој ме пушти. Кога малку се оддалечивме, таа ме праша:
– Зошто го направи тоа?
– А зошто ти го направи тоа? – ја прашав и јас.
– Тоа е друго. Јас сум возрасна, ги знам последиците од тоа што го правам.
– И јас! – налутено викнав, иако знаев дека тоа не е вистина.
Еден ден кога поминав во близина на портите, видов дека кралицата веќе не е таму. Толку се возбудив што отрчав најбрзо што можев до кујната во палатата. Мајка ми готвеше.
– Го најдоа детето на кралицата? – прашав радосно.
– Што?
– Кралицата не е кај портата. Ја пуштија? Некој го нашол нејзиното дете?
Мајка ми запре со готвењето и ми рече да дојдам со неа.
– Номи, кралицата умре синоќа – рече мајка ми кога бевме надвор.
– Не, не е умрена. Сигурно некој го нашол нејзиното дете со златна коса.
– Не постои дете со златна коса, Номи. Лан ѝ е син.
– Не, не ѝ е. Кралицата рече дека некој ѝ го зел детето и го заменил. Те видов тебе како носиш кошница кај реката ноќта кога се роди бебето!
– Ги носев чаршафите од нејзиниот кревет во кошницата за да ги измијам во реката.
– Па тогаш, зошто кралицата рече дека бебето ѝ било заменето? – прашав плачејќи.
– Беше исплашена и се надеваше дека кралот ќе ја пушти ако го убеди во тоа, дека на тој начин ќе се спаси. Но не успеа.
– Не е фер! Некој требало да го запре.
– Кој? Кралот е премногу моќен.
– Но таа беше кралица!
Мајка ми само ги крена рамениците.
Кралот не заслужуваше да биде крал. Знаев некој кој има повеќе моќ од него, па се упатив кон езерото. Ја прашав Илона дали може да го претвори кралот во камена статуа.
– Што ќе ти е тоа?
– Статуите немаат моќ. Можеш да го направиш тоа?
– Аха, значи, сакаш да му ја одземеш моќта? – се насмевна Илона. – За тоа, не мора секогаш нешто да му направиш директно нему. Знаеш ли дека може да загуби дел од моќта што ја има ако другите луѓе станат помоќни?
– Како тебе?
– Може да се каже. Колку повеќе самовили, толку помалку моќ за него.
– Можам и јас да станам самовила?
– Секој што има волја за тоа може да стане самовила.
Еден ден набргу по овој разговор, Лан и јас следевме еден еж и така завршивме во кралската градина, иако ни беше забрането да играме таму. Косата на Лан сјаеше на сонцето. Кога кралот го виде Лан, му рече на еден од стражарите:
– Исфрлете го од мојата градина!
Застанав пред кралот. Одеднаш, неговата огромна рака, неговиот страшен глас, неговите крвави очи со црвени искри се поврзаа во едно тело и можев да го видам целиот како стои пред мене. Се исправив. Неговата рака со златниот прстен веќе не изгледаше толку голема, неговиот глас имаше само висок тон, неговите очи не беа црвени, туку кафеави.
– Нема да дозволам да го исфрлиш брат ми – му реков.
Ја видов мајка ми како стои во близина. Ми кимна гледајќи ме во очи и тојчас знаев дека сум се претворила во самовила.
Како што набргу открив, не сакаат сите самовили да ги претвораат луѓето во камени статуи, не можат сите самовили да избегаат од затвор. Но знам да правам многу други работи и сè уште сум жива и можам да ви ја раскажам оваа приказна.