Класна поделба од двете страни на една улица
Документарниот филм Class Divide (Класна поделба, режија Marc Levin, 2016) навидум е фокусиран на три главни теми: реконструкцијата на High Line (Хај лајн), претходно напуштена и запуштена железничка пруга во Њујорк; елитното средно училиште Avenues (Авењуз); и становите за посиромашните одделени од училиштето со една улица. Но, всушност, тој е многу повеќе за нивната поврзаност која доведува до класна поделба, со што го оправдува соодветно одбраниот наслов. Да се каже дека е за цената што едни се ставени во ситуација да ја платат за напредокот на други би било малку симплифицирано, но и кога ќе се прикажат комплексните општествени односи, како што се прикажани во овој документарен филм, основата е слична: различното вреднување на трудот што едни ги лишува од можности, а на други им овозможува станови од десетици милиони долари.
Класна поделба го дава контекстот на поделбата и тоа е најсилната страна на филмот. Ги гледаме најпресвртните моменти од историја на Хај лајн, проект за кој во 1990те години постоеле планови да се урне, но кој мал број архитекти со својата визија да го претворат во парк, успеале да го спасат. Тие се соочиле со судски процеси покренати од компании за недвижнини кои се залагале за уривање на напуштената пруга, за потоа, кога паркот на Хај лајн заживеал, истите овие компании да заработуваат милионски суми благодарение на поскапувањето на цените на становите околу денес популарниот Хај лајн на западната страна на Њујорк (Западен Челси).
Како резултат на заживувањето, а со тоа и поскапувањето на овој дел од метрополата, овде се гради елитното училиште Авењуз, кое е вториот фокус на документарецот. Авењуз е навидум идеално училиште, остварена образовна утопија, со најдобри можни технички услови за научен и креативен развој на учениците. Но со цена од четириесет илјади долари годишно, достапно е само за малкумина. Со тоа фокусот на филмот се оддалечува од совршеноста на училиштето и се префрла на поставеноста на општествениот систем во кој секое подобрување, секој напредок е зависен од парите. Ова доаѓа до израз уште повеќе во делот посветен на неколку жители на државните станови кои живеат преку улица од Авењуз.
Класна поделба е интересно раскажан филм со добро обмислен пристап. Прикажани се приближно ист број соговорници и од Авењуз и од сиромашниот кварт отспротива – сите интелигентни, елоквентни, идеалистички настроени, со стремеж да прават промени кон подобро – но вторите немаат можност да го остварат својот потенцијал. Ништо не е поедноставено, се обраќа големо внимание на контекстот, нема експлицитни осуди. Но добро концепираните филмови како овој не се обидуваат да ги измамат гледачите со божемна објективност – присутни се идеите и гледиштата на авторот/авторите, само што се прикажани суптилно, а сепак доволно очигледно за да се види дека привлечниот, урбан развој на сè побогатиот кварт и модерното училиште се потпира врз зголемување на амбисот што ги дели од жителите од другата страна на улицата.
(Class Divide between Two Sides of an Avenue)
12.10.2019