2024

Визуализација на современата македонска книжевност

Раскажувањето речиси неизбежно предизвикува слики кај секој читател – индивидуална замисла за тоа како изгледаат ликовите, местата, дејствијата во еден расказ, роман, песна или драма. Книжевните дела, од друга страна, ретко се придружени со илустрации. Уште поретко се случува да се илустрира книжевен есеј или книжевен осврт. Ова сознание и желбата да направиме исчекор во овој поглед беше основниот поттик за проектот „Визуализација на современата македонска книжевност“. Во септември 2023 година, Ладислав Цветковски, Игор Сековски и Калина Малеска, како иницијатори на проектот и уредници на оваа публикација, се сретнавме за да поразговараме за можноста да подготвиме проект што ќе вклучува текстови за книжевни дела и илустрации за нив.

Охрабрени од нашето искуство со студентите на Факултетот за ликовни уметности и со студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, односно од фактот што кај нив има голем интерес активно да се вклучат и да работат на истражување, пишување, илустрирање, дополнително на она што е предвидено во нивните студии, решивме да направиме заедничка средба со група студенти од двата факултета. Средбата на која учесниците се запознаа меѓу себе и на која сите разменивме идеи се одржа во Сули Ан. Оттаму произлезе проектот „Визуализација на современата македонска книжевност“, кој претставува интердисциплинарен креативен чин што ги поврзува книжевната и визуелната уметност преку активно вклучување на младите. Проектот се спроведуваше со две групи студенти – студенти од Филолошки факултет „Блаже Конески“ и студенти по графички дизајн и визуелни уметности од Факултетот за ликовни уметности, Скопје – со мотив да се поттикне соработката меѓу колегите од различни професии и специјалности. Целта е да се придонесе за зголемување на интересот за литературата и визуелното изразување во нашата средина. Оваа публикација е резултат на таа соработка.

Публикацијата вклучува авторски текстови на студенти од Филолошкиот факултет за песна, циклус песни, расказ или роман, за кој/кои тие самите избраа да пишуваат, како и авторски илустрации на студенти од Факултетот за ликовни уметности на текстовите или на книжевните дела на кои се однесуваат текстовите. Тие содржат различни стилови и во визуелното и во пишаното изразување, зависно од наклонетоста на учесниците кои работеа на проектот. Се надеваме дека оваа соработка ќе доведе до промовирање на еден редок и необичен пристап на поврзување есеистички и критички текстови со илустрации, ќе придонесе за поголем одзив и интерес за литературната критика и визуелната уметност кај пошироката публика, ќе ја подигне свеста за вредноста на мултидисциплинарниот приод во соочувањето со различни предизвици, и дека ќе ги поттикне младите на вклучување во слични проекти.

Design a site like this with WordPress.com
Get started