
Вонземјанинот Лу-ру-су е поема од над четиристотини стихови за необичното пријателство меѓу едно девојче и еден вонземјанин. Поемата вплетува две паралелни приказни – едната е пристигнувањето на вонземјанинот Лу-ру-су во дворот на девојчето Дарја, додека втората се развива околу предрасудите и врсничка нетолеранција кон Маја, соученичка на протагонстката Дарја. Поемата поставува прашања во врска со можностите за живот во вселената, прашање кое децата често го поставуваат, и каков би можел да биде тој живот доколку постои. На тој начин, не се пресликуваат вообичаените претставувања на вонземјаните, туку се поттикнува на размислување за односот меѓу животната средина и изгледот на жителите во таа средина. Паралелно се одвиваат и дилемите околу маргинализираното девојче Маја, зошто повеќето во одделението ја гледаат како поинаква, дали и колку Дарја ќе успее да се избори со своите предрасуди и со стравот од отфрлање од страна на другарките, и колку во тоа игра улога вонземјанинот Лу-ру-су и запознавањето разничи суштества преку него.Оваа поема претставува интересен придонес кон литературата за деца, внесувајќи нови теми, начин на разработка, техники на составувањето и поврзувањето на стиховите, како и хумор.