Лектири: промена на пристапот, не само на книгите
Заедно со моите деца ја читавме Двојната Лота од Ерих Кестнер [. . .] Разводот, разделбата, животот со еден родител лесно може да им бидат објаснети на децата, но доброволната одлука на мајката или на таткото никогаш повеќе ништо да не знае за своето дете е многу тешко да се објасни, па разговорите за оваа книга кај нас дома траеја со часови. Доколку наставните програми не предвидат повеќе време за лектирите и доколку не се потенцира важноста на вклучување на децата во дискусии за вакви проблематични теми што ги погодуваат, како во Двојната Лота, тоа може да ги направи сите книги – без оглед кои книги и да се одберат за лектири – здодевни, бесмислени, нерелевантни за животот и размислувањата на учениците. (Assigned Readings: Change of the Approach, not only the Books)
Целиот текст е објавен на Окно, на следниов линк: https://okno.mk/node/66190
Волја за преиспитување
Овој текст тргнува од неколку гледишта на Мишел Фуко, Едвард Саид и Тери Иглтон, според кои, често прифаќаме некои вистини како конечни бидејќи доаѓаат од авторитети кои, благодарение на својот статус во дадено општество, имале моќ да ги наметнат своите тврдења или да придонесат кон нивното прифаќање. Во текот на вековите, преиспитувањето на ваквите „вистини“ некогаш ги потврдувало, а некогаш целосно ги разоткривало како нелогични и неиздржани. (A Will to Questioning)
Целиот текст е објавен на Блесок, на следниот линк: http://blesok.mk/en/literature/a-will-to-questioning-111/
Што се случува со дел од македонските писатели?
Дел од македонските писатели се најдоа, свесно или несвесно, во слична ситуација во каква што се најдоа четворицата писатели кои ги опишува Чеслав Милош во Заробениот ум. […] Во своите искази, тие го претворија македонскиот јазик во алатка на пропаганда и инструмент на страв. Го лишија од неговиот потенцијал да воспоставува логични причинско-последични врски, да нуди аргументи и да изразува различни гледишта на илјадници начини. Го лишија од способноста промислено и суштински да ги протолкува причините за кризата во која се наоѓаме. (What is Happening to Some of the Macedonian Writers?)
Целиот текст е објавен на Окно, на следниов линк: https://okno.mk/node/62746
Краток расказ: легендата за високата зона
Авторите на Зоната на самракот и на други алтернативни светови и димензии во книгите и филмовите не успеале да смислат таква зона како онаа што постои во реалноста на Скопје – тоа е Високата зона. Таа зона/димензија се протега над четвртите катови во Аеродром и Ново Лисиче, но во неа не може да се влезе низ просторот, туку само низ временски процепи, наречени денови кога се исклучува водата, што се појавуваат ненајавено и чија зачестеност не може да се објасни со егзактните науки. Суштествата што живеат во Високата зона се почудесни и поневеројатни од сите други битија смислени во фантастичните и научнофантастичните приказни, зашто тие се единствени што можат да живеат без основната состојка на животот во целата позната вселена – водата. За Високата зона се раскажуваат многу легенди, но за да станете сведоци на уникатните и ненадминати начини на приспособување на битијата што живеат овде, ве поканувам некогаш да ја посетите – Висока зона. (Short story: The Legend of the High Zone) 19.09.2017
Ќе умреме од загадувањето пред да се формира нова влада
Да се бара ламјата, па во неа нерезот, па во неа зајакот, па во него гулабот, па во него врапчето – може да изгледа како одвраќање на вниманието од најголемиот проблем, политиката, кон помалку важни проблеми. Но моќта на корумпираните политичари е во врапчето; долгорочно, само кога како општество ќе ни бидат важни почистиот воздух, подобриот животен стандард, непристрасниот однос на сите институции, квалитет во здравството, грижа за децата во градинките и во училиштата – само тогаш политичарите ќе се плашат од нас, граѓаните, и своите потези ќе ги влечат за да ни обезбедат подобар живот, а не со своето самоволие да прават атмосфера дека треба да се плашиме од секоја нивна изјава. Ако удираме само по ламјата, навистина ќе умреме од загадувањето, можеби не до формирањето на оваа влада, но сигурно во блиска иднина. (We will Die because of Pollution before the New Government is Formed)
Целиот текст е објавен на Окно, на следниов линк: https://okno.mk/node/61364