
Облици на моќ во современата книжевност
Книжевно-теоретскиот труд Облици на моќ во современата книжевност (Скопје: Или-Или, 2020) ги анализира облиците на моќ и дискурсот на моќта онака како што тие се изразени во избрани книжевни, но и теоретско-критички дела од англо-американската и македонската литература, видовите на моќ, изворите на моќ, начинот на кој моќта е прикажана, инструментите преку кои дејствува. Дали ликовите во анализираните романи имаат или немаат некаква моќ – економска, политичка, филозофска, моќ врз другите, или моќ да го направат она што самите сакаат? Што е моќта и според кои критериуми може да се рече дека некои се помоќни од другите? Дали тие критериуми се еднаш засекогаш дадени и неменливи? Дали поетските гласови и слики во поезијата само ги рефлектираат односите на моќ од стварноста или ги видоизменуваат и прераспределуваат? Дали протагонистите се целосно немоќни да ѝ пружат отпор на политичката идеологија во контекстот во кој живеат или ја изразуваат таа идеологија? Каков начин наоѓаат некои од нив за да ја избегнат доминацијата на општествниот и политичкиот систем и да ја спроведат сопствената моќ? Дали оние кои, спред дадени дефиниции, се помоќни може, од друг аспект погледнато, да се сметаат за помалку моќни? Ова се некои од прашањата со кои се бави трудот Облици на моќ во современата книжевност. Во делата што се обработуваат, ликовите, или нараторите или изразите на поетското „јас“ се речиси секогаш поединци кои живеат во ситуација каде што владее моќна политичка идеологија, при што некои од нив се свесни а некои не се свесни за историските ефекти што оваа идеологија ги имала врз цела генерација на луѓе сé додека не се соочат со тежок избор. Ова истражување ги следи и анализира нивните реакции и нивното однесување кога ќе влезат во конфликт со моќта: какви се нивните изгледида ја спроведат својата волја. Книжевноста не се ограничува само на она што традиционално се подразбира под поимот моќ: државни апарати, политичко и економско влијание, или употреба на сила. Во книжевните дела, моќта се изразува посуптилно па затоа не е лесно видлива, а воспоставува и свои карактеристични стратегии за спротивставување на моќта.