Како што се шири вирусот корона и доаѓаат препораките за седење дома, така се умножуваат и препораките за читање на многу книги што не сме стигнале да ги прочитаме. Но, сега, демнети од неизбежни загуби, немам интерес да ги читам. Звучат наивно – некои познати книги што ги изоставиле факторите од кои зависат сите области на животот зашто не им се вклопиле во замислата.
Препознавам страв. За да го надминам, мора да го имам веќе преживеано она што очекувам дека допрва ќе дојде. Го престигнувам времето – замислувам дека веќе се случило сè што допрва ќе се случи. Така, кога ќе пристигнат, последиците нема да бидат изненадување, нема да бидат неочекувани.
Треба да ја читаме Хајди, која ми изгледа здодевна, бавна, мачна.
Син ми го чита првиот пасус, подзастанувајќи на ‘Маенфелд’, на ‘распослано’, на ‘опколени’.
„Зошто не можам да пеј атеншн, сè што прочитав, како да ми излезе од главата,“ вели незадоволно.
„Да, гледам: не можеш да го држиш вниманието на тоа што го читаш. Тоа е затоа што ги читаш буквите, наместо зборовите, треба со поглед да опфатиш по неколку збора, а потоа да ги прочиташ.“
„А, да, еве,“ брза да одговори, како и секогаш. „Долината минувачи полиња допира“ – скока на секој четврти збор и веднаш се смее самиот на себе зашто знае дека не го мислев тоа.
Го чита следниот пасус.
„Ете, гледаш, одма за една минута се подобри. Значи, ако вложиш малку труд, ќе станеш феноменален во читање,“ го прекинувам.
Ја игнорира мојата пофалба, како и секогаш.
„Што е тоа ‘мома’?“, прашува.
„Мома е девојка.“
„А ’Речиси од секоја куќа, некогаш од прозорците, некогаш од вратите, ги довикувале гласови?’“
„Знаеш што значи ’речиси’?“
„Не.“
„Скоро. Скоро од секоја куќа…“
Сакам да објаснам и други работи, но не ми дозволува: „знам, знам, знам, знам, знам,“ ме прекинува. „Ако нешто не разбирам, ќе те прашам, инаку не ми кажувај“.
Надвор, последиците од корона вирусот сè уште се страшни.
Дете создава забуна и контрадикторности во приказната зашто детето Хајди како да прави многу различни работи истовремено, некои од нив несоодветни за петгодишно девојче. Приказната толку е измешана што и двајцата се смееме на нејзините нелогичности.
По некое време утврдуваме на што се должи конфузијата: „Аха, уствари овде Дете не се однесува на Хајди, туку жената се вика Дета, само некаде е напишана Дете по грешка“.
Доаѓаме до описот на дедото на Хајди, кој на неразбирлив начин опишува каков бил тој кога бил помлад. ’Скитал каде-годе’ – ни западна во око, па го користиме ’каде-годе’ во најразлични контексти. Не знам ни дали некое дете би разбрало без објаснување што значи тоа дека ’го испил сиот имот’. Син ми заклучува дека дедото бил лош. “Па, на некој начин, ама не баш толку лош. Бил себичен,“ додавам јас, релативизирајќи ја поделбата добри-лоши.
Потоа доаѓаме до една збунлива реченица:
’Баба ѝ на мајка ми ѝ била сестра на неговата баба’.
„Како? Како?“ се прашуваме.
Некое време ја анализираме реченицата и заклучуваме: „Значи, бабата на мајката на Дета била сестра на бабата на дедото“, се смееме.
Решаваме да направиме пауза од читањето.
Надвор, последиците од корона вирусот сè уште се страшни.
„Многу ми беше забавно да читам со тебе,“ му кажувам.
„Океј, мамо,“ одговара, „не биди кринџи“. Но не издржува, па по некое време му го слушам гласот од другата соба:
„Мамо, те сакам.“ „Те сакам и јас тебе“.
26.03.2020