Книжевност, реалност, моќ

Некаде во 2013 или 2014 година, неколку дена по новата година, во зградата што се наоѓа наспроти зградата во која живеам изби пожар. Набргу се приближи противпожарно возило, но не можеше да стигне до станот кој гореше. Меѓу автомобилите по средината на улицата, каде што не е предвидено паркирање, и оние на обележените места крај тротоарот немаше доволно простор за да помине противпожарното возило. Паркирањето на средината од улицата се должи, главно, на тоа што не е обезбеден доволно паркинг-простор, како и на други фактори.  Кога го слушнав звукот на сирената, погледнав низ прозорецот: неколку луѓе брзо реагираа, па заедно со пожарникарите успеаја на раце да подигнат еден автомобил од средината и да го поместат околу половина метар за да може да помине противпожарното возило. Пожарот набргу беше изгаснат. 

На почетокот од февруари 2018 година, додека ја минував улицата пред зградата во која живеам, камионот за отпад многу бавно се пробиваше меѓу автомобилите паркирани на обележаните места и оние паркирани на средината од улицата. Набргу заглави и не можеше да продолжи сè додека не се појави сопственикот на еден од автомобилите на средината и одвозе без да обрати внимание на камионот за отпад.

Меѓу настанот од 2014 и оној од 2018 година напишав драма со наслов „Метаморфоза по свој избор“ (објавена во збирката Мојот непријател Итар Пејо од 2016 година), која, меѓу другото, се бави со сличен проблем и можните последици од него. Таа претставува израз на протест, а истовремено и пример за немоќта на едно книжевно дело непосредно да влијае врз реалноста (што може, но и не мора да е цел на приказните).

Книжевните дела ретко имаат големо влијание врз реалноста, но постојат сигурно барем неколку книги што имале значителен одек во јавноста и можеби поместиле нешто во општеството – меѓу оние кои ги знам, еден пример може да биде Еден ден од животот на Иван Денисович од Александар Солженицин. Но оваа книга е само еден од многубројните фактори што влијаеле врз промените во Советскиот Сојуз од 1960-те натаму, па затоа е многу тешко да се измери нејзиното реално влијание.

Бидејќи постојат книги кои имаат влијание врз гледиштата на одредени читатели, некогаш се вели дека книжевноста има моќ. Но проблемот е во тоа што, ако вака го употребиме зборот моќ, тогаш опасно навлегуваме, дури и без намера, во полето на забуни. Значењето на зборовите не е фиксно, но растегливоста која ќе го прошири семантичкото поле на зборот во недоглед отвора можност зборовите да го изгубат своето значење и целата комуникација да се претвори во недоразбирање. Моќта на една книга да ги смени размислувањата и гледиштата на личноста на читателот не е исто со моќта на власта да одлучи за животот или смртта на илјадници па и милиони луѓе, за што има многу примери во историјата. Тогаш, може ли да го употребиме истиот термин – моќ – за толку различни нешта?

Да се разбере врз кои принципи функционира моќта и како таа може да биде поткопана и прераспределена е важно за развој на поправедно општество, а некои книжевни дела, свесно или не, се дел од тие процеси. Други, исто така свесно или не, се дел од процесите на зацврстување на идеологиите и на заложбите за концентрирање на моќта. Но, поврзаност секогаш постои.

(Од предговорот кон Облици на моќ во современата книжевност, Или-Или 2020; К. М.)

Design a site like this with WordPress.com
Get started