Денерис: без оглед на последиците. Варис: без оглед на последиците по мене. Зошто Денерис стана толку сакан лик?
Њујорк тајмс, Телеграф, Вашингтон пост и уште многу други медиуми посветија барем две (често и повеќе) статии на епизодите од последната сезона на Игра на тронови, а најмногу на петтата епизода. Иако имаат различен пристап и фокус, сепак заклучокот на речиси сите нив може да се сведе на тоа дека уништувањето на престолнината од страна на Денерис и нејзиниот змеј, во најмала рака, не произлегува логично од претходниот развој на нејзиниот лик.
Заклучоците на овие статии не се осовани и покажуваат селективно игнорирање на логиката на светот што го гради Игра на тронови. Тие исто така ги забораваат авторитарните особини на Денерис.
Всушност, од моментот кога излегува од огнот со трите штотуку родени змејови, Данерис е тиранин во подем. Серијата дава многу јасни индикации за ова.
Прво, Денерис верува дека е спасителка, избрана од судбината да го избави светот од злото, што е препознатлива карактеристика на многу диктатори во светската историја. Нејзината животна мисија, водечка идеја и целосна опсесија е да стане кралица на Седумте кралства, долгоочекуваниот владетел, односно владетелка, ветена во пророштвата. Но контекстот на Игра на тронови ги поткопува ваквите идеи и упатува на можноста тие да бидат резултат на заблуди за месијанство. Така, црвената комета која ја гледаат различни ликови и чие значење го толкуваат на различни начини покажува колку се апсурдни нивните верувања дека кометата има едно вистинско значење и дека има некаква врска со човековиот живот. Слична функција има и долгогодишното уверување на Мелисандра дека нејзиниот бог го избрал Станис да владее со светот, што по сите насилни настани се покажува како неосновано и бесмислено.
Второ, Денерис ужива во понизноста и слепата послушност на нејзините следбеници. Тоа е јасно воспоставено во споменатата сцена во која Денерис излегува од огнот со трите змеја додека сите околу клекнуваат на коленици во стропочит, сметајќи ја за божество. Денерис не ги охрабрува да станат или да не ја сметаат за божество, туку го злоупотребува нивното суеверие и му се предава на новото чувство што ја опива: уживање во сопствената моќ и во немоќта на поддржувачите. Истото уживање во моќ е уште појасно и подиректно изразено во сцената кога стотици ослободени робови на Јункај ја носат во раце. Дополнително, визуелното претставување одоздола на тоа како Денерис седи горе на престолот во Мирин при што од нејзината одлука зависи понатамошниот живот на молителите кои клечат пред престолот е видливо намерен ефект кој го покажува нејзиното надмено уживање во својата моќ и во немоќта на молителите.
Трето, кога убива, ги обвинува другите дека се виновни за тоа бидејќи ја испровоцирале. Санса го уби Варис исто колку и јас, вели Денерис откако самата таа ќе го убие Варис. Претходно, таткото и братот на Семвел Тарли се „виновни“ што не ѝ се поклонуваат. Според Данерис, жртвата е виновна што е жртва бидејќи го провоцирала насилникот – тешко е да се замисли потиранска особина од оваа и во политичките и во семејните односи.
Четврто, од наративен аспект, во серијата често се прават паралели со други ликови во кои се истакнува наклонетоста на Денерис кон авторитарно владеење. Наспроти нејзината амбиција да биде на престолот, прикажана е способноста, но и недостиг на амбиција, на Џон да биде лидер преку тоа што Сем го предлага Џон да биде кандидат за заповедник на Ноќната стража, а особено преку неговата незаинтересираност да биде на престолот. Инсистирањето на Данерис нејзините следбеници да бидат понизни и послушни е спротивставено на демократскиот капацитет на Санса прикажан преку нејзините реакции на несогласувањата со Џон и нивните приврзаници во Winterfell. Може да се направи и паралела меѓу декларативните заложби на Данерис да го спаси светот со Лијана Мормонт која се вклучува во битката за спасување на светот без декларативно да го истакнува тоа како своја животна мисија. Постојани се и пралелите меѓу заплашувањето на непријателите од страна на Денерис и обидите на Тирион да ги надмудри непријателите со цел да избегне жртви.
Овие, но и другите нејзини диктаторски особини може најдобро да се сумираат преку две паралелни дијалози во четвртата епизода од осмата сезона. Во дијалогот меѓу Варис и Тирион, Варис вели: Ќе направам сè, „без оглед на последиците по мене“ (“no matter the personal cost”, т.е. без оглед на цената што ќе ја платам). Тоа значи дека и да дојде во опасност, и да се соочи со смрт, Варис ќе го направи она што е во интерес на жителите на неговата земја. Потенцијалот за тиранија кај Денерис доаѓа до израз при споредба на оваа со паралелна сцена во истата епизода. Тоа е дијалогот меѓу Денерис и Тирион, кога Денерис вели: Ќе направам сè, „без оглед на последиците“ (“no matter the cost” – односно, без оглед на цената). Тоа значи дека Денерис ќе направи сè што е во нејзин интерес, дури и по цена на смрт на жителите. Ова не е избрзано карактеризирање на Денерис во осмата сезона, ова е очекуван исказ од лик што се развива во овој правец и што ја има истата оваа фиксација на сопствената наводно голема судбина уште од првата сезона.
Зошто, тогаш, ваквиот лик на Денерис стана толку сакан во Игра на тронови што и филмските критичари и фановите кои оставаат илјадници коментари на интернет сметаат дека таа не би извршила убиство на илјадници луѓе и дека ваквиот развој на настаните и на ликот е неуверлив? Ова прашање не е поврзано само со Игра на тронови, туку и со интерпретација на книжевност и филм општо – зашто сите книги, сите филмови и сите нивни толкувања носат во себе идеологии, погледи на свет, системи на вредности.
Значи, зошто Денерис стана толку сакан лик што и филмските критичари и огромен број од фановите сметаат дека таа не би извршила убиство на илјадници луѓе? Се должи ли тоа на нејзината убавина и харизматичност кои ги фрлиле во сенка, за многу од гледачите, нејзините тирански особини? Или се должи на тоа што постојат неколку архетипски ситуации (раѓање од оган, здобивање моќ, пророштво за спасител) кои им навестиле на гледачите дека треба да очекуваат таа да биде херојски лик? Или на тоа што не зеле предвид дека целата серија е заснована на поткопување на наративните конвенции (па така, хероите се убивани, светот е бесмислен, судбината на ликовите нема врска со нивните морални особини)? Или на тоа што ретко во историјата на книжевноста и филмот имало толку моќен женски лик? Или на тоа што голем дел од гледачите ги гледаат змејовите како егзотични суштества од бајките место како оружје, за што ги користи Денерис? Или на фактот што нејзиниот татко полудел, па автоматски унишувањето на градот го гледаат како последица на некакво наследно, но филмски недоразработено, лудило? На тоа што во земји во кои постои барем некаков демократски систем на ограничување на власта се заборава колку апсолутната моќ опива, корумпира и не останува неискористена? Или на упорното игнорирање на двосмисленоста на изјавата „сакам да го скршам тркалото“, што се толкува како: не сакам веќе да има битки за власт во кои победуваат едни, па други, па трети; додека друго сосема основано толкување може да биде: не сакам никогаш никој друг да владее освен јас? На претпоставката дека тираните се зли од раѓање, и дека не е можно некој човек да прерасне постепено во диктатор како комбинација на сопствените заблуди и на околностите? Или се должи на тоа што моќни ликови како Данерис кои декларативно кажуваат дека сакаат да го спасат светот се привлечни, дури и кога во пракса го прават спротивното? На сите овие причини заедно? Или на некои сосема други? Не знам. Но, тоа што е сакана секако укажува на фактот дека, дури ни денес, со целото историско знаење, потенцијалните тирани не се препознаваат лесно и покрај сите видливи показатели.
(Daenerys: No matter the cost. Varys: No matter the personal cost. Wondering Why Daenerys’s Character Became so Attractive to Many People)
05.06.2019