Романот Аб’т на Оливера Ќорвезироска е подлабок и посеопфатен од бунарот што го копа таткото за да си направи нешто за себе, да пронајде место во кое ќе може да биде свој. Тој подземен – и на почетокот осамен – свет во бунарската дупка се претвора во цела нова димензија, во која таткото се поврзува со нови луѓе и неговиот свет се шири и станува исто толку простран колку и светот над земјата. Романот Аб’т опфаќа три раскажувачки низи, три длабоки копања низ психологијата на ликовите, кои се поврзуваат во една цврста градба во која авторката, како и ликот на таткото, создала нешто за себе, место во кое ќе може да биде своја. Но тој книжевен свет меѓу кориците на книгата се отвора и се поврзува и со реалноста надвор од него.
Своето детство во Куманово Оливера Ќорвезироска го преобразила во магичен и реалистичен свет: доволно реалистичен и препознатлив за да ги исцрта јасно цртите на Куманово, меѓу кои се внимателно и прецизно опишаната болницата и болничка ограда; доволно магичен за да вклучи подземен живот во бунарот, водното патување со кауч низ времето или создавањето на човек од крв и месо со помош на молив.
Романот има структура што би можела да се пренесе со бројките: два-еден-три во поглед на хронолошкиот след на настаните. Првиот дел се надоврзува на нешто што отсуствува на почетокот, почнувајќи со зборовите „По два дена…“, со што го остава неискажано (како избраната тишина на мајката) она значајно нешто што се случило пред тие два дена. Сè уште неродениот раскажувач, слично како Тристрам Шенди во истоимениот роман на Лоренс Стерн, всушност ни раскажува настани пред неговото раѓање, од моментот кога е зачнат и кога мајка, излегувајќи од бунарот со него во себе, пристигнува дома. Овој дел ни дава опис на цело мноштво необични ликови и судбини во една кумановска населба, кои се навидум споредни но се постојано присутни во романот и чии судбини се испреплетуваат со судбината на централните ликови.
Вториот дел го содржи она што, всушност, хронолошки се случува пред првиот дел. Овде темпото на раскажување се забрзува и во средиште доаѓа упорната потрага по бунарот, најпрво преку сосема реалистичното копање, а потоа и како посимболичен влез во некој друг свет. Овде се наоѓа центарот на сите раскажувачки нишки од романот сè до самиот наслов – зашто а’бтот, кумановски збор за бурјан, е растение чии корени ја влечат „подземната вода нагоре“ со што претставува еден вид патоказ за копање бунар, но и растение „кое може да промени повеќе животи одеднаш“. Додека се копа бунарот, истовремено се одвива и животот на Час и Вера, братот и сестрата на раскажувачот, во кој веројатно највпечатливата сцена е онаа кога Час ќе си ја надене раката на еден шилец од болничката ограда, по што таткото со чекан ги соборува сите шилци на оградата, еден по еден.
Третиот дел нè води длабоко во подземјето за да нè изненади со паралелениот живот кој се одвива во него и каде сè е навидум исто – раскажувачот има брат близнак – а сè е различно – ист по изглед, братот близнак по нарав е чиста спротивност на раскажувачот. Внимателниот, плашлив, интровертен раскажувач, кому секогаш во мислите му доаѓаат дефиниции и информации што ги читал низ годините, одеднаш се наоѓа соочен со зборливиот, екстровертен брат кој постојано пцуе и кој како некаков современ и целосно видоизменет Вергилиј го води раскажувачот низ подземјето, раскажувајќи му ги сите работи за таткото кои тој ги знае, а кои на раскажувачот му се сосема непознати.
Аб’т е роман и за Куманово и за сеќавањата и за имагинацијата, каде биографските елементи се мешаат со измислените, поетизираните, настани и ликови. Но тој е и роман за зборовите, за дипето, за амаркордот, за гаменот, за алината, а секако и за реслото – остаток без кој романот Аб’т би можел да постои, но и дополнителна светлина без која тој не би бил ист.
(Ab’t – Signpost toward Possible Worlds)
10.11.2019